Пресврт во случајот со Сити - главното обвинение не е докажано

Случајот со 115-те обвиненија против Манчестер Сити добива нов пресврт. Откако во јавноста се појавија информации дека клубот е прогласен за виновен по 114 точки, „Фајненшл тајмс“ објави дека единственото обвинение по кое Сити не е прогласен за виновен е главно во целиот случај.

Според информациите, деталите за конкретното обвинение засега не се објавени, но токму овој момент би можел да биде важен во понатамошната правна постапка. Од „Фајненшл тајмс“ наведуваат дека во Манчестер Сити поради тоа веруваат дека имаат простор за успешно обжалување и за оспорување на дел од обвиненијата.

Случајот се однесува на наводни прекршувања на финансиските правила на Премиер лигата, како и на обвиненија поврзани со доставувањето информации и документација во текот на истрагата. Во меѓувреме, во Англија веќе се шпекулира за можните последици доколку обвиненијата бидат потврдени по завршувањето на целата постапка. Во јавноста се споменуваат различни санкции, од финансиски казни и одземање бодови до потенцијално исфрлање од Премиер лигата, но конечната одлука за казната сè уште не е донесена.

За Манчестер Сити ова не е прв случај во кој клубот се обидува да ги оспори санкциите преку правни процедури. Во претходниот спор со УЕФА, англискиот клуб успеа на арбитража да ја поништи двегодишната забрана за настап во европските натпреварувања. Според актуелните информации, процесот околу 115-те обвиненија може да продолжи уште подолг период. По објавувањето на евентуалната казна, Манчестер Сити би имал право на жалба пред независен орган, а правната битка би можела да продолжи и понатаму.