Стоук се јави по пресудата за Сити - и тие бараат трофеј!
Неговиот тим тогаш беше поразен од Манчестер Сити со 0-1, а Пулис денес смета дека неговиот клуб бил оштетен доколку се потврдат наводите за прекршување на финансиските правила.
„Загубивме од тим за кој е утврдено дека ги прекршил финансиските правила на Премиер лигата. Не само што го победи Стоук во финалето на ФА Купот, туку освои цела низа трофеи и потоа повеќе од една деценија целосно доминираше со англискиот фудбал. Ако навистина биле прекршени тие правила, каква ќе биде тогаш казната?“, напиша Пулис во колумна за Би-Би-Си.
Според досегашните извештаи, независна комисија донела одлуки по обвиненијата, но Премиер лигата сè уште не ги објавила јавно. Клубот соопшти дека процесот сè уште трае, додека се очекува Манчестер Сити да поднесе жалба. Казните исто така сè уште не се одредени.
Пулис смета дека навивачите на Стоук би можеле да побараат трофејот освоен во 2011 година да му биде одземен на Сити и доделен на нивниот клуб.
„Знам дека сите навивачи на Стоук ќе бараат Сити да го предаде трофејот и дека секој клуб кој смета дека бил оштетен од нивните постапки ќе ги разгледа правните можности“, наведе поранешниот тренер.
Сепак, тој не очекува историјата да биде променета на таков начин.
„Не очекувам Манчестер Сити да му се јави на клубот или на мене и да понуди да го врати ФА Купот од 2011 година и медалите што тогаш ги добија нивните играчи. Не верувам сериозно ниту дека другите трофеи и титули ќе бидат вратени“, рече тој.
Како пореална можност, тој го наведе одземањето бодови и голема парична казна, но нагласи дека евентуалната казна тешко би можела да го промени она што се случило пред 15 години.
„Сè уште се чувствувам измамено. Што и да се случи, тој ден никој нема да ни го врати. Нема повторно да добиеме можност да го прославиме освојувањето на трофејот и медалите во Стоук на начинот на кој тогаш се надевавме. По прекршувањето на правилата, Манчестер Сити доби можност да го направи тоа наместо нас“, заклучи Пулис.