Иако не беше раскошно и убедливо, сепак Вардар го победи Нексе со 29-25 во последното коло од СЕХА-лигата и постави нов рекорд кога е во прашање конечниот биланс.

Покрај Веспрем во сезоната 2015/16, вардарци се втората екипа, која ја завршува основната сезона без пораз.  Разликата е во тоа што Веспрем тогаш имаше две нерешени, а Вардар сега со само едно реми и дури 17 победи постави нов лимит во регионалната ракометна лига.

Овој пат не беше проблем одбраната, како во неодамнешните неколку натпревари, но затоа Нексе најде начин да го запре вардаровиот напад. Не можеше да се одлепи на повеќе од два разлика, а дури и тоа водство го загуби некаде по 20-тата минута. Со серија од 4-1 Нексе го презеде водството и замина на пауза со 12-11.

Раул Гонзалес му даде шанса на Лука Циндриќ во вториот дел и тој ги презеде работите во свои раце. Постигна седум гола за неполно полувреме, им помогна на црвено-црните да го преземат водството, а во 50. минута и првпат да поведат со три разлика, 24-21. Нексе дојде уште неколку пати на минус еден, но не можеше повеќе.

Циндриќ заврши со седум гола од осум удари, сите во вториот дел, пет постигна Чупиќ, а одличен беше Страхиња Милиќ со 14 интервенции. Вардар го освои првото место со рекордни 52 бода и ќе чека конкурентите да го одиграат последното коло, за да дознае кој ќе го освои четвртото место на табелата и ќе му биде противник на Ф4-турнирот во Скопје (13-15 април).