Манасков доби шанса да го одмазди Вардар во финалето на СЕХА!

Екипата на Веспрем е вториот патник во финалето на СЕХА, откако во вечерашното второ полуфинале на завршниот турнир во Задар без никакви проблеми го совлада Мотор Запорожје (36-29).

Македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков, постигна два гола од четири обиди за унгарската екипа, со што се избори за шанса да го одмазди својот поранешен клуб Вардар во задутрешното големо финале против Загреб. Причина за ова е начинот на кој загрепчани дојдоа до Ф4-турнирот и тоа по поразот во четвртфиналниот двомеч со црвено-црните, кои не добија шанса да го бранат трофејот поради неспортски причини – само еден позитивен на Ковид-19. Неизвесноста во овој меч траеше до пред крајот на првото полувреме, по што Унгарците со серија 7-1 дојдоа до високи 20-14 на полувреме, разлика која ја одржаа до самиот крај.

Претходно денеска, Загреб дури по изведување пенали беше подобар од Мешков Брест.