Е. Пелистер убедливо и рутински против ослабениот Татран

Еурофарм Пелистер во Битола славеше со 28-16 против Татран Прешов во рамки на 3.коло во СЕХА-лигата

Момците на Жељко Бабиќ немаа проблеми против ослабениот противник од Словачка, кој допатува со само 11 играчи во ростерот. Татран не беше достоен противник, особено во второто полувреме.

На паузата беше 11-7, но Пелистер го засили темпото во второто полувреме и од минута во минута ја зголемуваше предноста за конечни 28-16. За „пелистерци“ ова беше втора победа на третиот натпревар во Групата А во регионалното натпреварување.

Карим Хендави блескаше на голот на битолчани со 15 интервенции, додека во нападот најмногу се истакна Елмир Граџан со седум голови, додека Јосип Периќ постигна шест. Оливер Рабек со шест голови беше најефикасен кај гостите од Словачка. 

Во следното коло, што се игра на 18 март, Еурофарм Пелистер гостува кај Металопластика.