„Да одиграме добро со Целје, па нѐ чека проблематично домашно првенство!“

Металург дојде пред крајот и на второто од четирите натпреварувања во кои учествува сезонава. Со натпреварот против Целје, в недела, македонскиот вицепрвак ќе ја заврши СЕХА-лигата и ќе може да се посвети на настапите во домашните конкуренции.

Целје е апсолутен фаворит, се согласија и тренерот и капитенот на Металург, но делуваат дека ќе им биде инспирација да се пресметаат со Словенците, за крај. Тие беа учесник во поквалитетната половина од Лигата на шампионите и веќе имаат сигурен пласман во Ф4-турнирот во СЕХА-лигата, затоа и освоен бод за Металург ќе претставува успех.

„Од мое име и од екипата ќе ветам дека ќе играме максимално борбено. Ова е последен натпревар од СЕХА-лигата и нема што да загубиме, може само да добиеме. Целје е фаворит, знаеме каква екипа е“, изјави капитенот Филип Кузмановски.

Јовиќ ја повика публиката и ги поттикна своите играчи да ја одиграат најдобрата своја партија оваа сезона.

„Целје е апсолутен фаворит и за да извлечеме поволен резултат во овој меч ние мора да ја дадеме нашата најдобра партија оваа сезона. Да бидеме најборбени во одбрана и во напад да играме трпеливо, да играме, што се вика шах, до чиста позиција. Не се сомневам дека тоа ќе го направиме на неделниот натпревар“, дополни Јовиќ.

Овде нема да завршат предизвиците за Металург, туку за околу две недели ќе се активира и во домашната Суперлига, во плејоф-фазата. Тие и Вардар ќе бидат фаворити против Пелистер, Работник, Охрид и Пролет.

„Кога ќе заврши СЕХА не очекува еден краток период за да се подготвиме за домашната лига, каде што ќе нѐ очекуваат многу проблеми со македонските екипи. Не смеат да се повторат лошите игри на гостински терен, како на пример кај Горење и во Прешов. Тоа беше многу лоша игра и не смее да се повтори. Се знае која е нашата цел во Суперлигата, тоа е второ место, а зошто не и прво место. Можеме да играме против Вардар, тоа го покажавме“, вели Кузмановски.