Задоцнет финиш на Словенија: Шпанија во ново финале

Шпанија ќе го брани тронот во ново финале откако вечерва ја совлада Словенија со 34-32 на Европското првенство.

„Црвената фурија“ беше доминантна во текот на најголемиот дел од натпреварот, па Словенците имаа задоцнет финиш. Резултатот беше неизвесен се до 8-8, а потоа Шпанците ги презедоа работите во свои раце и брзо поведе со четири разлика или 13-9. На полувремето актуелниот европски првак замина со +5 (20-15). Највисоката предност на Шпанија беше шест голови, но Словенците не се откажаа.

По една одлична серија од 5-1 во финишот, Словенците дојдоа до негатива од само еден гол (33-32) на минута и 10 секунди до крајот. Сепак, Шпанците искусно ја држа топката во свој посед до самиот крај, а пред звукот на сирената Алекс Душебаев погоди за конечни 34-32.

Тројца играчи на „фуријата“ имаа по шест погодоци, а тоа се Алекс Душебаев, Анхел Перез Фернандез и Раул Ентрериос. Гонзало Перез де Варгас имаше девет одбрани на голот на Шпанија. Јуре Доленец со седум голови беше најефикасен кај Словенија, која за бронзениот медал утре ќе се сретне со Норвешка. 

Шпанија во големото финале во недела ќе игра против Хрватска.