Тргна по стапките на својот татко: Синот на Раиконен потпиша за Ред Бул!

Синот на славниот Кими Раиконен, Робин тргна по стапките на својот славен татко и денеска стана дел од академијата на Ред Бул за развој на возачи на патот кон Формула 1.

Робин Ракинонен кој има 11 години од најразна возраст вози картинг и веќе зад себе има успеси на меѓународна сцена што го препорачаа во редовите на Ред Бул.

„Робин веќе покажа исклучителни способности во картингот. Неговата брзина, тркачките вештини и природниот талент го издвојуваат како еден од најперспективните млади возачи во неговата возрасна категорија. Во исто време, импресионира со својата зрелост, смирениот пристап и јасниот фокус кон возењето.

Нашата цел е да го развиваме чекор по чекор, без да му создаваме непотребен притисок. Патот во мотоспортот е долг и ќе му ги обезбедиме времето, поддршката и ресурсите што му се потребни за целосно да го развие својот потенцијал“, изјави Лоран Мекис, директор на Ред Бул.

По потписот на Робин се истакна и самиот Кими кој не го криеше задоволството.

„Сите сме среќни што Робин доби шанса да продолжи во јуниорскиот тим на Ред Бул. Тука поминале големи шампиони како Себастијан Фетел, Макс Ферстапен и многу други, затоа со голема почит и скромност се приклучува на оваа престижна програма и верува дека ќе ја оправда довербата“, изјави поранешниот светски шампион.

Раиконен беше шампион во 2007 година и во кариерата од 2001 до 2021 година во Формула 1 оствари 21 победа и запиша 103 места на подиумот.