
„Загрижен сум што се предаваме лесно, но верувам во подобар резултат против Пик Сегед“
Тренерот на битолчани, Бранислав Ангеловски кажа дека го загрижува фактот што на претходниот меч против Пик Сегед лесно се предале во завршницата, но се надева дека овој пат нема да се повтори такво нешто.
„Ни доаѓа ривал против кој во претходниот натпревар минатата недела одигравме добро прво полувреме и катастрофално лошо второ полувреме. Реализаторски лошото полувреме му дозволи на Пик Сегед да направи голема разлика и да нè деморализира. Таа работа не треба да ни се случи повторно. Добро ја познаваме екипата на Пик Сегед, очекуваме поголема ротација и ќе играат ракометари кои не настапија на првиот меч. Најважно е како ние ќе делуваме на терен, но најмногу ме загрижува тоа што многу лесно се предадовме, иако имавме активен резултат до последните 10 минути. Се надевам дека нема да се предадеме лесно во Битола, очекувам поквалитетен натпревар од првиот“, вели Ангеловски.
Павле Петровиќ се надева дека конечно ќе ја запишат првата победа во ЛШ, па ги повика навивачите да им дадат поддршка од трибините во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
„Се држевме добро во првото полувреме. Не бевме лоши ниту во вториот дел, туку имавме промашени зицери и сметам дека тоа беше причината за поразот. Се подготвуваме за реваншот и се надеваме дека ќе ги изненадиме. Исто како што почнавме кај нив, така ќе почнеме и во Битола. Мислам дека новото засилување ќе ни даде многу помош и во соблекувалната и на теренот. Ги повикувам навивачите да ни дадат поддршката. Сметам дека можеме до прва победа во Лигата на шампиони“, кажа Петровиќ.
Каспер Кисум смета дека првото полувреме во претходниот меч против Пик Сегед било едно од најдобрите од нив сезонава, но и дека прават грешки кои во иднина мора да ги намалат на минимум.
„Не знам дали беше најдобро, но првиот дел против Пик Сегед беше еден од нашите најдобри сезонава. Мислам дека можеме многу подобро, но мора да останеме фокусирани. Проблемот во првиот меч против Пик Сегед беа промашените зицери. Мора да ги намалиме грешките на минимум. Нашиот ривал и на претходниот натпревар покажа дека е динамичен тим и игра многу добро. Шест на шест игравме добро во одбрана во поголемиот дел од натпреварот во Унгарија, треба да продолжиме со истиот план на игра. Мислам дека имаме шанса да го победиме Пик Сегед“, смета Кисум.
Пелистер го пречекува Пик Сегед в среда во Битола од 20.45 часот.