
„Успехот на Алкалоид е успех на Македонија – во финалето ни треба поддршка од сите!“
Тренерот на „фармацевтите“, Кирил Лазаров, истакна дека овој успех е значаен не само за клубот, туку и за целиот македонски ракомет, упатувајќи апел за масовна поддршка во претстојниот финален двобој.
„Пласманот во финалето на Алкалоид е голем успех за клубот, но и за целиот македонски ракомет. Очекуваме љубителите на ракометот од цела Македонија да го препознаат тоа и да бидат со нас. Поддршката ќе ни биде клучна за да го освоиме пехарот“, порача Лазаров, додавајќи дека тимот покажал карактер и единство, особено во отсуство на неколку важни играчи.
Алкалоид ја мина пречката од Норвешка со борбеност, истрајност и колективна игра, што беше клучно за обезбедување на финалето. Лазаров изрази голема гордост за ангажманот на своите ракометари и најави внимателна подготовка за завршницата на сезоната.
„Нѐ чека пеколно тежок распоред. Мораме да бидеме максимално подготвени за тоа што следува“, истакна дополни Лазаров.
Алкалоид во финалниот двобој од ЕХФ Европскиот Куп ќе се соочи со грчкиот АЕК. Првиот натпревар е закажан за 17 или 18 мај, а реваншот ќе се игра на 24 или 25 мај. Домаќинот на вториот меч ќе биде одреден преку ждрепка, закажана за утре.