Талески: Вардар покажа како игра европски шампион!

Филип Талески беше бурно поздравен од „Јане Сандански“ уште при претставувањето на ракометарите и кога првпат влезе во игра, но не успеа да постигне гол.

Во обраќањето кон медиумите, македонскиот репрезентативец од редовите на Рајн-Некар го пофали Вардар, но најави дека во Германија ќе му се спротивстават со поинаков пристап.

„Игравме против европскиот шампион, на негов терен и Вардар докажа дека е вистински европски шампион, одигра многу квалитетен натпревар. Не можевме да ги решиме тие ситуации еден на еден. Имавме лошо отворање на натпреварот, потоа беше тешко да се брка таа негатива, а Вардар знаеше како да одигра докрај. Треба да ја анализираме оваа средба, нѐ очекува уште една во Германија и мислам дека ќе одговориме со поинаков пристап во Германија“, рече Талески.

Тренерот Николај Јакобсен беше видно разочаран, со фиксиран поглед, веројатно, додека во мислите му се премотува натпреварот и сите грешки во неговата екипа. Призна дека Вардар бил подобар од нив и предобар во некои ситуации за да знаат како да го сопрат.

„Ние не почнавме како што посакувавме, имавме проблеми со играта седум на шест и не игравме добро како што знаеме. Разочаран сум особено од нашата одбрана, пробавме многу работи, но ништо не функционираше, Вардар беше премногу добар во нападот. Имаа премногу добри шутеви и ситуации еден на еден со кои не можевме да се справиме. Имавме минус седум уште во првото полувреме и тешко е да се вратите од тоа. Игравме против најдобриот тим во Европа, не е лесно да ја држете главата исправена со тим од класата на Вардар. Вардар заслужено победи“, истакна Јакобсен.