Ракометен спектакл во Битола за крај на сезоната во Лигата на шампионите!

Пелистер денеска со почеток од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола го пречекува ПСЖ во меч од последното коло во Лигата на шампионите.

Битолчани во минатото коло ги загубија и теоретските шанси за пласман во нокаут фазата од елитното клупско натпреварување, но и покрај тоа брзо се распродаде мечот со ПСЖ.

Навивачите во максимален број ќе се соберат во салата да ги поздрават своите ракометари кои ќе излезат на мегдан против еден од најсилните европски клубови кој е предводен од легендарниот Раул Гонзалез.

Резултатски имератив нема, а тоа го ослободува Пелистер од секаков притисок и дава можност ракометарите растеретени да влезат во натпреварот и да покажат што знаат.

За разлика од лани кога Лигата на шампионите ја завршија без освоен бод, Пелистер оваа сезона нанижа осум бодови, а таа бројка може да биде и поголема во зависност од исходот на вечерашниот натпревар.

„Натпреварот нема големо значење, но морама да го оставиме срцето на терен, посебно заради прекрасната публика која ни дава поддршка цела сезона. Еве пак е распродадена салата за натпреварот против ПСЖ, што е убаво да се чуе. Сезонава играме многу добро во Лигата на шампионите, собравме осум бодови, така да ветувам дека ќе оставиме срце на терен. ПСЖ е една од најдобрите европски екипи против која сум играл многупати многупати“, рече голманот на Пелистер, Филип Ивиќ.

Вечерашниот меч ќе биде вистински ракометен празник во Битола, иако нема резултатско значење, еден добар резултат против ПСЖ може да биде долем поттик и да допринесе за зголемување на самодовербата за остатокот од сезоната во домашното првенство во која Пелистер ја брани титулата.