ФИБА потврди: Кошаркарите против Хрватска или Бугарија на патот кон СП 2027!

Македонската кошаркарска репрезентација би можела да ги има Хрватска и Бугарија за ривали во претстојните претквалификации за Светското првенство во 2027 година, откако ФИБА денеска ги објави шеширите за ждрепката што ќе се одржи на 14 март во швајцарскиот град Мие.

Македонија е сместена во вториот шешир, заедно со Холандија, Данска и Словачка, што значи дека нема да игра против нив во групната фаза. Меѓу потенцијалните противници се и селекциите на Швајцарија, Романија, Австрија и Норвешка, но најголема закана се Хрватска и Бугарија, кои доаѓаат од првиот шешир и важат за фаворити во претквалификациската фаза, заедно со Унгарија.

Натпреварите ќе се одиграат од 2 до 20 август во двокружен систем, секој против секого, а најдобрите две селекции од секоја група ќе продолжат во главните квалификации за Мундобаскетот. Третопласираните тимови, пак, ќе паднат на самото дно - во претквалификации за Европското првенство 2029.