Нема опуштање: Берокал бара дисциплина – секој триумф ја приближува Македонија до целта!

Кошаркарската репрезентација на Македонија утре во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје ја пречекува селекцијата на Кипар (18 часот), во вториот натпревар од втората рунда во претквалификациите за пласман на ЕП 2029 година со желба за нова победа со која би се направил огромен исчекор кон следната квалификациска фаза.

По победите над Австрија на отворањето на овој циклус, двете селекции влегуваат во меѓусебниот дуел со дополнителен мотив, свесни за важноста на бодовите. Македонскиот селектор, Жозеп Марија Берокал, нагласува дека нема простор за опуштање и бара максимална сериозност и дисциплина од своите избраници. Шпанскиот стратег истакнува дека стручниот штаб внимателно ги следи играчите со ситни повреди, а очекува подготовката да биде на уште повисоко ниво кога ростерот ќе се комплетира со Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.

„Ништо не е готово во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа секако нè носи поблиску до целта, па затоа сме фокусирани на тренинзите и подготовките за следниот меч. Го анализираме тимот, опциите што ги имаме, работиме на деталите, а истовремено ги следиме и играчите кои имаат ситни повреди. Кога ќе се комплетира ростерот со Димитријевиќ и Мозес, ќе биде подобро за подготовка и ќе можеме сите да работиме заедно. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар“, истакна Берокал.

Осврнувајќи се на работата со националниот тим, селекторот потенцираше дека негова обврска е да го извлече максимумот од кошаркарите кои му се на располагање, ветувајќи целосна посветеност од сите во репрезентацијата.

„Мора да се адаптирам како тренер на сите играчи и да си ја вршам работата со оние што ги имам на располагање. Сега ги имам играчите кои ги имам и мора да се приспособиме на тоа. Лично, само си ја работам работата и го давам најдоброто од себе за да имаме резултат. Можам само да ветам максимална професионалност од сите што се дел од националниот тим, почнувајќи од мене“, порача Берокал.

Говорејќи за квалитетите на противникот, тој ги издвои шутерскиот потенцијал, разновидноста во играта и способноста на кипарските кошаркари да покриваат повеќе позиции.

„Кипар е добар тим, има шутери, играчи кои можат да играат на повеќе позиции и да се ротираат. Имаат талент во тактичкиот дел и ги гледаат работите на различен начин. Не го знаеме нивниот конечен ростер, затоа што често се менуваат работите во овие ФИБА-прозорци. Она што го посакувам и го барам е максимално сериозен и дисциплиниран натпревар од мојот тим“, заклучи селекторот.