Француски тенисер се соочува со четиригодишна суспензија поради допинг
Случајот го откри францускиот весник „Лекип“, повикувајќи се на настан од почетокот на јуни годинава во Бретања. Според информациите, службено лице задолжено за собирање примероци се обидело да спроведе ненадејна контрола над Риндернех, но ситуацијата наводно завршила со одбивање на тенисерот да го даде потребниот примерок.
Сепак, околностите сè уште не се целосно разјаснети. Првичните информации упатуваат на можно недоразбирање меѓу тенисерот и лицето задолжено за контролата, што би можело да има значајна улога во понатамошната постапка. Риндернех веќе ја прекина тишината и преку социјалните мрежи категорично ги отфрли обвинувањата. Тој потврди дека ја оспорува пријавата пред Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) и побара случајот да биде разгледан од независен трибунал.
„Ја известив ITIA дека ги негирам обвинувањата и побарав случајот да биде разгледан и разрешен пред независен трибунал, како што ми следува според моите права. Целосните детали ќе ги презентирам во текот на постапката“, порача францускиот тенисер.
Тој дополнително нагласи дека никогаш не користел забранети супстанции и изрази уверување дека на крајот ќе биде ослободен од обвинението. Според правилата на тениската антидопинг-програма, одбивањето или избегнувањето допинг-контрола без оправдана причина може да се третира како сериозен прекршок, за кој е предвидена четиригодишна суспензија. Сепак, доколку се докаже дека постапката не била намерна, казната може да биде намалена.
Интересно е што Риндернех и покрај истрагата продолжил да настапува на турнирите, бидејќи ваквиот вид прекршок не подразбира автоматска привремена суспензија. Французинот, кој моментално се наоѓа на 57. место на АТП-листата, претходно беше и финалист на Мастерсот во Шангај во 2025 година.
Овој случај потсетува на оној на Маркета Вондрушова. Чешката тенисерка, шампионка на Вимблдон од 2023 година, во јуни доби четиригодишна суспензија поради одбивање да се подложи на ненадејна допинг-контрола. Таа ја обжали одлуката пред Спортскиот арбитражен суд. За Риндернех, пак, конечната одлука допрва претстои. Засега нема пресуда ниту утврдена вина, а неговата одбрана ќе се обиде да докаже дека станувало збор за недоразбирање, а не за намерно избегнување на допинг-контролата.