Скандал во Србија: За три минути си дадоа два смешни автогола - забележена огромна уплата (ВИДЕО)

Натпреварот од Српската лига Исток (трет натпреварувачки ранг) меѓу екипите на Јединство и Брзи Брод се најде под истрага на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), но и на УЕФА, поради основани сомнежи дека средбата била наместена.

Домаќините славеа со неверојатен резултат 5-4, но на натпреварот беа забележани голем број сомнителни ситуации, поради што српскиот фудбалски сојуз најави официјална истрага и побара помош од Европската фудбалска унија. Гостинскиот состав поведе уште во 8. минута, но во период од само три минути – од 24. до 27. минута – фудбалерите на Брзи Брод без никаков притисок си постигнаа два автогола во ситуации кога без проблем можеле да ја расчистат опасноста пред сопствениот гол. До полувремето домаќините ја зголемија предноста на 3-1, во продолжението гостите успеаја да израмнат на 3:3, а во последните четири минути беа постигнати дури три погодоци, по што Јединство дојде до победа од 5-4.

ФСС покрена постапка откако било утврдено дека на овој дуел биле уплаќани огромни финансиски суми во обложувалниците во Србија, но и во соседните држави. Поради невообичаено високиот износ на уплати за натпревар од понизок ранг, како и несекојдневниот резултат и случувањата на теренот, надлежните органи отворија детална истрага за целиот случај.