Анри ги предупреди гигантите: Внимвајте, нешто се случува во Мадрид
Реал Мадрид засега е единствената екипа со максимални пет победи во елитното натпреварување, а можност да му се придружи има и Пари Сен Жермен. „Кралевите“ и против холандскиот шампион мораа да прават пресврт, откако Иван Перишиќ реализираше пенал по прекршокот на Орелиен Чуамени.
По бледото прво полувреме, Жозе Мурињо направи три измени, а една од нив се покажа како клучна, влегувањето на Белингем. Англискиот репрезентативец со одличен настап, спектакуларен гол и асистенција го предводеше Реал до убедлив триумф.
Анри во емисијата на американската телевизија „Си-Би-Ес“ го анализираше настапот на мадридскиот гигант и не го криеше воодушевувањето.
„Реал Мадрид одигра фантастичен натпревар. Ако продолжи да игра на ова ниво, дефинитивно е кандидат за освојување на Лигата на шампионите. Од недела во недела напредува сè повеќе. Нешто се случува во Мадрид, бидете внимателни“, порача светскиот и европски шампион, кој во кариерата ја освои Лигата на шампионите со Барселона и Премиер лигата со Арсенал.
Французинот посебно го истакна Белингем, кој уште еднаш покажа колку значи за играта на мадридскиот тим.
„Белингем е неверојатен, исто како и начинот на кој игра. Да го носиш бројот пет во Реал Мадрид воопшто не е лесно, но тој прави тоа да изгледа едноставно. Неговата личност е неверојатна. Не можам да поверувам дека луѓето во неговата земја се сомневаа во него.
Но, тој им одговори на скептиците со она што го прави сега, а им одговори и на Светското првенство. Секогаш одговара со својот став и со игрите на теренот“, заклучи Анри.