
Димитријевиќ: Македонија немаше среќа - системот на ФИБА ич не е фер!
Жолто-црвените имаа амбиции за пласман на ЕП 2025, тоа, за жал, не се случи, откако завршија трета во групата зад Литванија и Естонија, но останаа без виза поради тоа што последнопласираната Полска веќе имаше обезбедено пласман како еден од организаторите.
„Нашата цел беше да избориме место на Евробаскет, но не успеавме. Немавме доволно среќа, а и некои клучни моменти не ни одговараа. Да не ме фатеа грчеви против Естонија, можеби ќе беше поинаку“, изјави Димитријевиќ, потсетувајќи на првата средба со овој противник во Скопје.
Тој посочи дека нашата селекцијата одиграла одлично во двата меча против Полска, покажувајќи дека може да се носи со најдобрите. Меѓутоа, повредите на натурализираните играчи Хап и Вајли биле голем хендикеп.
„Тогаш ни се приклучи Ти Џеј Шортс, кој е фантастичен играч, но ни недостасуваше центар. Дадовме сè од себе, но не успеавме – исто како и Хрватска, што ме изненади со оглед на нивниот талент“, дополни популарниот Нено.
Димитријевиќ најголема критика упати кон ФИБА и системот на натпреварување.
„Повторно се покажа дека екс-ЈУ репрезентациите имаат квалитет, но ние и Хрватска немавме среќа затоа што паднавме во групи со домаќини. Според мене, ваквиот систем на ФИБА не е фер“, потенцираше Димитријевиќ.
Тој во продолжение зборуваше и за својот детски сон – да игра за Партизан.
„Кога бев дете, навивав за Партизан. Никогаш не сум играл во клуб со толку силна навивачка поддршка, па кој знае, можеби еден ден ќе заиграм таму барем една сезона“, заклучува македонскиот репрезентативец.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА.