Свилар правеше чуда, Рома преживеа во пеколот кај Фенер – реми и во Ајндховен (ВИДЕО)!

Екипите на Фенербахче и Рома (1-1) ги поделија бодовите во Истанбул на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите, додека со идентичен резултат заврши и пресметката помеѓу ПСВ и Шахтјор (1-1) во Ајндховен.

Натпреварот во Турција го одбележа одличниот настап на голманот на Рома, Миле Свилар, кој со своите интервенции спречи домаќините да стигнат до целосен пресврт и победа. Римјаните го отворија натпреварот со поголема контрола на топката и успеа да поведе во 39. минута, кога капитенот Кристанте ја затресе мрежата по одличната асистенција на Дониел Мален. Домаќините брзо возвратија на почетокот од второто полувреме. Во 49. минута, Арчи Браун израмни по луцидно проигрување од Мејсон Гринвуд. И покрај бројните шанси на двете страни до крајот на натпреварот и иницијативата на домашниот тим, при што Фенербахче ја погоди и пречката во 86. минута, резултатот остана непроменет.

Во вториот натпревар од воведниот термин, ПСВ и Шахтјор одиграа неизвесен дуел кој исто така заврши без победник. Украинскиот претставник неочекувано стигна до водство во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме преку Мендоза, кој по одличен соло продор го совлада домашниот голман Ковар. Сепак, холандскиот состав експресно израмни веднаш по стартот на вториот дел. Во 48. минута, Сержињо Дест одлично реагираше на додавањето од Обиспо и ги постави конечните 1-1, резултат кој остана на сила до самиот крај и покрај обидите на домашните фудбалери за целосен пресврт.

 

Последните четири средби од воведното коло во ЛШ се играат од 21 часот и тоа помеѓу Баерн Минхен и Бодо Глимт, Комо и Лајпциг, Манчестер Јунајтед и Сабах Баку, односно Славија Прага и Ленс.