Куманово добива три големи настани – Суперкупот и двапати Купот на Македонија!

Општина Куманово и Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска потпишаа меморандум за соработка со која градот обезбеди организација на дури три врвни кошаркарски спектакли во следните три години.

Реализатори на ова се кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски и претседателот на КФМ, Томица Главчев, кои го парафираа договорот. Тоа значи дека годинешниот Суперкуп (26 или 27 септември) во машката и женската сениорска елита ќе се одржи токму во Куманово. Овој град ќе биде организатор и на следните две завршници од Купот на Македонија, каде што се играше и годинешното издание од ова натпреварување.

Димитриевски и Главчев по потпишувањето направија увид во спортската сала каде што ќе се бијат битките за трофеите, проверувајќи ги капацитетите за организација на вакви големи натпревари од највисок ранг.