Пелистер здробен во Швајцарија со - 23 разлика!

Вториот по квалитет битолски ракометен тим уште денеска најави брзо завршување на својот престој во Европа, оваа сезона. Пелистер беше декласиран на гостувањето кај Винтертур, во Швајцарија со 23 разлика, во втората рунда од ЕХФ-купот.

Со оглед на квалитетот на Пелистер и резултатите и во домашното првенство јасен беше епилогот во соочувањето со Винтертур уште пред да почне двомечот, сепак, Швајцарците се погрижија очекувањата да се реализираат и славеа со 39-16 на првиот натпревар.

Судбината на пелистерци се виде уште во првото полувреме во кое постигнаа само пет гола, а примија 22. Во вториот дел домаќинот се опушти и дозволи натпреварот да биде потечен, што значеше и повеќе постигнати голови од битолчани. Дарио Петровски беше најефикасен со шест погодоци.

Реваншот во Битола се игра в сабота, но веќе е јасно дека Винтертур е екипата која продолжува во третото коло од квалификациите во ЕХФ-купот. Во ова натпреварување Македонија го има и Бутел, кој вчера обезбеди победа од 18-14 во првиот меч со Запорожје, па на реваншот идната недела ќе се бори за опстанок во Европа. Металург е исто така во ЕХФ-купот, но тој го чека својот ривал директно во третото квалификациско коло.