
Пелистер ослабен гостува кај Кјелце
Пелистер по осум натпревари има осум порази во ЛШ, а тренерот Бранислав Ангеловски заедно со своите избраници вечерва ќе се обидат да го изненадат европскиот вицепрвак со агресивна одбрана, како што најави и Жарко Пешевски.
Битолчани, сепак, ќе бидат ослабени на гостувањето во Полска затоа што Каспер Кисум отпадна од конкуренција поради сезонски грип, додека Русинот Денис Васиљев има проблем при влез во државата.
„Заради сезонски грип ракометарот на Еурофарм Пелистер, Каспер Кисум не отпатува со екипата во Полска и нема да настапи на натпреварот против Киелце во рамките на деветтото коло на групата А на Лигата на шампионите. Настапот на ракометарот Денис Васиљев е неизвесен заради законската регулатива за влез на руски државјани во Полска“, соопшти Пелистер.
Да потсетиме, Кјелце во првиот меч се измачи против битолскиот тим, иако славеше со 24-21 поради големиот број грешки кои ги направи македонскиот гигант.
Пелистер е последен во групата А со осум порази, додека Кјелце има 10 бода и сè уште е во игра за првите две позиции кои водат во четвртфинале на ЛШ.
Натпреварот во Полска меѓу Кјелце и Пелистер се игра вечерва од 20.45 часот.