Не е сѐ во парите: Норвежаните за златото на ЕП 2020 ќе добијат – смешна премија!

Ракометарите на Норвешка вечерва ќе го одиграат полуфиналниот меч против Хрватска (18 часот) на Европското првенство (ЕП) чија завршница се игра во Стокхолм, а во пресрет на кој беа објавени премиите кои би ги добиле за евентуален пласман во финалето, како и за освојувањето на златниот медал.

Влегувањето меѓу четирите најдобри на стариот континент, а со тоа и пласман на СП 2021 во Египет, на Норвежаните веќе им донесе награда од по 3.000 евра, а иста сума би добиле и ако вечерва ги победат „коцкестите“, со што би се пласирале на следното ЕП во 2022 година. Епитетот европски шампион на секој од норвешките репрезентативци би им донел дополнителни 12.000 евра, што значи дека златото би им донело вкупно по 18.000 евра.

Гледано од страна, оваа сума можеби делува примамливо, но со оглед на стандардот во Норвешка, премијата која би ја добиле репрезентативците лесно може да се оцени како – смешна. Причина за ова е фактот што просечната плата во оваа држава изнесува 4.500 евра, што значи дека премијата за најголемиот успех се вредува само како четири просечни плати.

Ако се направи споредба со нашата средина, вредноста на наградата за златото за норвешките ракометари би била идентична со премија од по 100.000 денари за секој од избраниците на селекторот Данило Брестовац, ако тие беа во ситуација да се искачат на европскиот врв.

Реакција од норвешкиот табор на смешните премии засега нема, а само дали би можеле да замислите какви би биле протестите на нашите кога би разбрале дека за епитетот најдобри во Европа би добиле сума која е помала од 2.000 евра.