
Маркоски: Со Кире се договоривме да го урнам неговиот рекорд – ќе играм до 43 години!
„Имам 35 години, но пензија не ми е ни на повидок. Кога дојдов во Алкалоид, со Кире се договоривме да го соборам неговиот рекорд. Сакам да играм до 43 години“, изјави македонскиот репрезентативец со насмевка, додавајќи дека се надева на историски успех.
Во пресрет на неделниот реванш натпреварот во финалето од Европскиот куп со АЕК, Маркоски верува дека тимот има сили да ја заврши европската кампања со трофеј. Алкалоид има предност од четири голови, но ветеранот предупредува дека ништо не е готово.
„АЕК има квалитетен состав и сигурно нема да се откаже лесно. Ќе се обидат да се вратат во игра, но ние ќе се држиме до нашата стратегија – дисциплинирана одбрана и минимизирање на техничките грешки“, посочи Маркоски.
Иако е еден од највозрасните во тимот, неговата улога не е само на теренот. Заедно со Лазаров и стручниот штаб, постојано работи на тоа своето искуство да го пренесе на помладите колеги. Нагласува дека тимската игра и менталната подготвеност ќе бидат клучот до потенцијалниот прв европски трофеј на клубот.