
Лазаров: Очекувам валкан меч во кој судиите ќе ги казнуваат грубостите на Баја Маре!
Првиот натпревар во Романија заврши нерешено (31-31), оставајќи го актуелниот македонски Куп-освојувач со шанса пред својата публика да обезбеди место меѓу најдобрите четири во ова европско натпреварување. Тренерот Кирил Лазаров потенцираше дека тимот е свесен за големината на овој предизвик и ќе влезе со максимална претпазливост во реваншот.
„Овој меч е од исклучителна важност за клубот, македонскиот ракомет и спортот воопшто. Горд сум на моите играчи за начинот на кој одиграа во Романија, особено со оглед на околностите што ги следеа пред, за време и по натпреварот. Тимот е составен претежно од млади македонски играчи, што носи дополнителна одговорност, но и мотив“, изјави Лазаров.
Тој додаде дека Алкалоид се соочува со предизвици во подготовките, бидејќи доби само делумна снимка од првиот натпревар, што го отежнува тактичкиот пристап.
„Баја Маре е искусен тим, составен од репрезентативци и десетина странски играчи. Првиот дуел беше исполнет со груба игра, во која домаќините имаа само две исклучувања, а секој старт им беше исклучително валкан. Се надевам дека овојпат судиите ќе ги санкционираат нивните грубости. Ќе биде тежок натпревар, но верувам дека со додатен напор и поддршка од симпатизерите можеме да избориме полуфинале“, нагласи стратегот на „фармацевтите“.
Алкалоид ќе настапи без браќата Марко и Дамјан Митев, кои се повредени и отсуствуваат од бековските позиции.
„Имаме систем кој го надоградуваме и верувам дека ќе најдеме решение. Капитенот Ѓорѓиев ќе има дополнителна одговорност, а Ивановски се адаптира одлично по паузата. Очекуваме и брзо враќање на Дамјан Митев“, истакна Лазаров.
Средбата ќе ја судат норвешките арбитри Мадс Далби Фремштад и Јорген Јорштад, додека делегат е Бранка Мариќ од Србија. Победникот од оваа пресметка ќе се соочи во полуфиналето со Олимпијакос од Грција или Рунар од Норвешка.