Како балкански виц: Словенците се бунат зашто против Хрватска ќе им судат – Босанци!

Словенечките медиуми со доза на изненадување ја пречекаа веста дека клучниот ракометен дерби-дуел за пласман во полуфиналето на ЕП помеѓу Словенија и Хрватска ќе го судат арбитри од Босна и Херцеговина.

Според оценките во Словенија, изборот на судиите е необичен ако се има предвид напнатоста и значењето на вечерашниот натпревар во Малме арената, каде што почетокот е закажан за 18 часот, пишува весникот „Дело“. Иако, како што велат познатите стихови на групата АББА, „победникот зема сè“, вечерашниот дуел нема целосно да одлучи за конечниот расплет. Сепак, репрезентацијата што ќе излезе како победник ќе има големи шанси за пласман во полуфиналето и борба за медали, додека поразениот тим практично ќе остане без реални изгледи за продолжување понатаму.

Натпреварот против Хрватска е од пресудно значење за Словенија. По поразот од Шведска во петокот и победата над Унгарија во неделата, избраниците на селекторот Урош Зорман сè уште ја држат судбината во свои раце, но за полуфинале веројатно ќе им бидат потребни две победи во помалку од 24 часа. Првиот чекор е токму денешниот дуел со Хрватска. Двете селекции досега имаат по четири бодови, исто колку и Исланд и Шведска. Сметката е јасна: пораз од Хрватска речиси целосно ги затвора вратите кон полуфиналето за Словенците, додека победа би ја одложила конечната одлука за патникот меѓу најдобрите четири за среда во 15.30 часот, кога Словенија игра против Исланд во дански Хернинг.

„Не смееме да имаме помала желба од нив. Ако во тоа бидеме рамноправни, сигурно можеме да се носиме со Хрватите на теренот“, изјави словенечкиот репрезентативец Домен Макуц.

Средниот бек на Барселона, кој летово ќе се пресели во Кил, верува во квалитетот на својот тим.

„Ќе одлучуваат детали, но верувам во екипата. Прикажуваме добри игри, дури и во поразот од Шведска одигравме добро, но не ја искористивме подобрата дневна форма. Сепак, успеавме да се собереме и да го покажеме вистинското лице против Унгарија“, додаде Макуц.

Словенија и Хрватска од 2000 година одиграле 21 меѓусебен натпревар, од кои многу биле пријателски. Хрватска победи во 12, Словенија во осум, а еден натпревар заврши нерешено. Вечерашниот меч ќе го судат Амар и Дино Коњичанин од Босна и Херцеговина – факт што словенечките медиуми го истакнуваат како необичен со оглед на очекуваниот висок набој. Селекторот Зорман за овој дуел ќе може да смета и на пивотот Матиц Сухолежник, кој се враќа по одработена суспензија од два натпревари. Сухолежник ќе биде дополнително мотивиран бидејќи е поранешен член на Загреб, вечниот ривал на неговиот поранешен клуб Целје Пивоварна Лашко.