Јужна Кореја го освои СП за кадетки во Скопје

Ракометарките до 18 години на Јужна Кореја го освоија Светското првенство (СП) за кадетки, кое се одржа во Македонија, откако во финалето славеше со 31-27 против Данска.

Натпреварот беше возбудлив од самиот почеток и го одбележаа неколку пресврти на двете страни, а Јужна Кореја првата посериозна разлика ја имаше при 8-5, по што Данска се врати и израмни (9-9).

Данска потоа го презема водството (14-11), но сепак Јужна Кореја до полувреме стигна до израмнување (15-15).

И во второто полувреме се водеше голема битка, а Данска водеше со 22-20, по што Јужна Кореја со нов пресврт стигна до 24-22.

Ракометарките на Данска се обидуваа да се вратат во мечот, но сепак Јужна Кореја ја чуваше својата мрежа и ги реализираше шансите, па го освои трофејот.

Унгарија го освои третото место на СП, откако славеше против Холандија со 27-26, додека Македонија го освои 12. место.