Финалето на ЕП за ракометарки урнало рекорди во Данска и во Норвешка

Финалето на Европското првенство за ракометарки, кое месецов се одржуваше во Македонија, Словенија и во Црна Гора, урнало неколку телевизиски рекорди во Данска и во Норвешка, земјите чии репрезентации се бореа за златото.

Според официјалните податоци кои ги пласира ЕХФ, 1.500.000 луѓе во просек, го гледале финалето во Данска. Врвот на гледаноста достигнал 1,7 милиони. Според извештајот на данската ТВ2, ова бил најгледаната телевизиска програма во земјата, во 2022 година.

Во Норвешка важи сличен заклучок, со просек од 986.000 гледачи и врв на гледаноста од 1,1 милион. Според платформата за стримање „Виаплеј“, ова бил најгледаниот ракометен натпревар во историјата. Слични бројки, кои укажуват на зголемена популарност на ракометот биле забележани и во Шведска, за мечот за петто место, против Холандија, како и во Словенија, за дуелот со Унгарија.

Првенството се одржа во Скопје, Подгорица, Целје и во Љубљана од 4 до 20 ноември, а еден од 16 учесници беше и македонската репрезентација, со пласман на последното место.