Еурофарм Пелистер потклекна во финишот: Гудме триумфираше минимално

Еурофарм Пелистер стартуваше со минимален пораз од 30-29 во Европската лига на гостувањето кај ГОГ Гудме. Битолчани во финишот пропуштија напад за реми, бидејќи голманот Халгримсон успеа да го одбрани ударот на Мараш. 

Во текот на сите 60 минути се играше израмнето, а највисоката предност на еден од тимовите беше два гола. На полувремето резултатот беше 14-14, а во вториот дел продолжи резултатската нишалка и двата тима најизменично се менуваа во водството.

Нашиот тим има за што да жали, бидејќи имаше водство од 27-29, но Данците со серија од 3-0 во финишот дојдоа до бодовите за конечни 30-29.

Стипе Мандалиниќ беше фантастичен во дресот на Пелистер и постигна 11 голови, додека голманот Благојче Трајкоски имаше 10 интервенции. Јакобсен со девет голови беше најдобар кај Гудме.

Иако ова беше второ коло во Европската лига, за нашиот Еурофарм Пелистер ова беше деби натпревар, бидејќи првиот против Татабања беше одложен поради позитивни случаи на Ковид-19 во унгарскиот тим.