ЕХФ почна правна постапка против Алкалоид и АЕК - бара дополнителни изјави од тимовите!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) отвори правна постапка против Алкалоид и АЕК, откако беше откажан реваншот од финалето во Европскиот куп, кој требаше да се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

ЕХФ соопшти дека ги разгледува сите детали од ситуацијата која се случи во Скопје, кога АЕК одби да влезе на теренот по барање на грчките навивачи.

„Европската ракометна федерација во вторник ги предаде сите информации што ги поседува на своите правни тела и побара почнување на судски постапки против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина. Овој чекор беше преземен откако реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ помеѓу двата клуба во недела на 25 мај, беше откажан. Информациите што ЕХФ ги достави до судските тела, меѓу другото, се однесуваат на дистрибуцијата на билети на гостинските навивачи од страна на Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК да влезе на теренот за стартот на натпреварот. Од двете екипи е побарано да ги достават своите изјави, односно информации од нивна страна, за да бидат разгледани од судските тела. Понатамошна комуникација ќе биде обезбедена само откако ќе се донесе конечна одлука“, соопшти ЕХФ.