
Тимур Дибиров му кажа збогум на играњето ракомет!
Неговиот Загреб го победи Нексе со 30-27 и со вкупни 3-0 во финалето од плејофот ја освои шампионската титула во домашното првенство, а мечот во Нашице ќе остане запишан како последен за крилниот играч.
„Пријатели, ова беше последен натпревар во мојата кариера, на малото момче кое сонуваше да игра ракомет со своите другари и ништо повеќе од тоа. Благодарност до моето семејство, сопругата, децата, родителите... кои ме поддржуваа, моите клубови, репрезентацијат и соиграчите, тие се најдобри на светот. Ќе ми недостасуваш, ракомету“, напиша Дибиров на социјалните мрежи.
Во ракометна пензија, тој замина на речиси 42-годишна возраст и по повеќе од две децении како професионалец. По девет години помина во Чеховски Медведи и Вардар, а последните три сезони беше член на Загреб. Најголемите успеси ги оствари со Вардар со кого покрај седумте титули во македонското првенство и седумте Купа, освои уште четири во СЕХА лигата и најважното, две во Лигата на шампионите. Остана запамтен како еден од најдобрите странски спортисти, не само ракометари, кои играле во Македонија, а се уште е миленик на навивачите на Вардар кои во него препознаа виртуоз на ракометната игра и прекрасен човек.
За репрезентацијата на Русија играше од 2006 до 2020 година и за тој период настапи на 215 натпревари со 747 гола.