Една година од чудото во Келн - Вардар ќе владее 6 месеци подолго (ВИДЕО)

На денешен ден пред точно една година, ракометарите на Вардар ја освоиja втората титула во Лигата на шампионите, откако во финалето на Ф4-турнирот во Келн го совладаа тимот на Веспрем.

Вардарци триумфираа над унгарскиот шампион со 27-24, освојувајќи го на тој начин вториот трофеј во период од три сезони во најеминентното европско натпреварување и тоа во сезона во која се соочуваа со големи финансиски проблеми и во која ракометарите речиси и да немаа земено ниту една плата. Но, на крајот победи големото вардарово срце и огромната желба на сите кои го носеа црвено-црниот дрес.

Пандемијата со коронавирусот е причина што Вардар сѐ уште е актуелен првак на Европа, епитет со кој може да се фали сѐ до крајот на годината (28-29 декември), за кога е закажан фајналфор-турнирот од ЛШ на кој ќе биде одреден неговиот наследник. Вардаровите ракометари требаше да играат во осминафиналето од плејофот против ПИК Сегед, но административно беа елиминирани, откако ЕХФ реши само најдобрите четири екипи од групната фаза директно да се најдат на завршната пресметка во Келн.