Дибиров: Баш сакам да видам како ќе се однесуваат кон нас сега, кога сме европски шампиони!

Веќе од утре, европскиот првак во ракомет ќе ја извади својата круна на видело и најдобрите од целиот континент ќе нишанат на неа сѐ до јуни. Прва меѓу ловците на Вардар ќе биде Висла.

Почнува поинаква сезона во Лигата на шампионите, барем за Вардар, кој отсекогаш бил „тимот од втор план“, а сега ќе влезе во жестоката трка како најпрестижен плен. Висла е само една од осумте екипи во групата А кои рамноправно ќе влезат со мисла да се пласираат во осминафиналето, така што секој бод ќе биде важен. 

За нив особено бодовите кои би ги освоиле против европскиот шампион. Сега тие се повредни од кога било, а Вардар важен противник како никогаш. Вардарци очекуваат токму таа зголемена мотивираност и подготвеност на противниците да им биде онаа нишка која ќе ја направи сезоната потешка од порано. Тимур Дибиров вели дека едвај чека да отпатува во туѓа сала и да го почувствува третманот: „дојдоа европските прваци“.

„Многу чекавме и едвај дочекавме да почне Лигата на шампионите бидејќи секогаш кога браните титула е поинтересно. Самите сакаме да видиме во каква форма сме и на кое ниво. Тоа се гледа веднаш на првиот натпревар, особено што играме на гости. Многу сум возбуден затоа што нешто друго е кога доаѓаш на кој било терен како европски првак. Сакаш да видиш какво е однесувањето кон тебе, како те гледаат противничките навивачи и противничката екипа. Многу сакам да го видам тоа и многу ми е интересно. Од друга страна знам дека сите против нас ќе играат со 120 отсто бидејќи ти си шампион и секогаш сакаат да те победат. Само затоа ќе биде потешко.“, ги кажа Дибиров своите размислувања.

И додека противниците ќе имаат променет однос - ништо не се менува кај вардарци. Тие и сега се подготвуваат како и порано и сега влегуваат во секој меч по победа.

„Инаку, ние ништо не менуваме, како што се подготвуваме за натпреварите претходната сезона, така и сега, со почит кон противничката екипа, со максимални тренинзи, тоа е рецептот за успех Очекувањата секогаш се исти, да одиме на победа на секој натпревар. Сакаме секој еден натпревар да одиме на победа, чекор по чекор да стигнеме до целта“, сподели руското крило.

Вардар веќе е во Плоцк и се потсеќа на познатата сала. Со Висла одигра четири меча во последните три сезони, но ниту еднаш не победи на гости. Нова шанса ќе има утре во 19 часот.

Владко Арсов