Десеткуваниот Вардар храбро до реми на Исланд!

Македонскиот вицешампион Вардар извлече нерешен резултат на гостувањето на Исланд, играјќи 34-34 со домаќинот Валур.

До бодот, „црвено-црните“ стигнаа со гол во последната секунда од пенал, преку Срдановиќ откако претходно, на околу минута до крајот, испушти шанса да дојде до водство кое можеби ќе го однесеше и до победа. Сепак, треба да се знае дека и за малку ќе загубеше затоа што на 20 секунди пред крајот прими гол и потоа среќно изнуди пенал и дојде до израмнување.

Во останатиот дел од мечот, Валур беше во постојана предност, во првото полувреме со највисоки +5 (14-9), но успеваше да се врати во игра. Последен пат Исланѓаните имаа повисока предност на 12 минути пред крајот, со 29-26, но Вардар повторно успеа да се врати и да израмни на 30-30. Своето прво водство, нашиот тим го имаше на помалку од три минути пред крајот кога преку Јагуриновски поведе со 33-32, а потоа дојде драматичната завршница во која двата тима се задоволија со по еден бод.

Георгиевски, Срдановиќ и Маргели со по пет гола беа најефикасни во тимот на Вардар, но мора да се знае дека новиот тренер Лозано ги немаше на располагање Борозан, Лазаревски и голманот Еспиња. „Голманот Васил Гогов се истакна со седум одбрани. Со ова „црвено-црните“ официјално ги загубија шансите за пласман во следната фаза бидејќи имаат негативен исход во дуелите со Порто, а заостануваат зад португалскиот тим два бода.