Отпишаната Црна Гора ја уништи Турција и го однесе Велс во А-дивизијата (ВИДЕО)

Иако вечерва се играа последните натпревари од А-Лигата на нации, најинтересно беше во Б-дивизијата каде се одлучуваше кои ќе бидат последните репрезентации што ќе обезбедат пласман во повисок ранг, кои ќе испаднат и кои ќе играат бараж.

Приказна на денот е Црна Гора која до денеска беше без победа и без бод во Лигата на нации, со само еден постигнат гол, а вечерва ја совлада Турција на домашен терен со 3-1. Можеби тука не би имало ништо интересно, ако не се знае дека на Турците им требаше барем бод за да останат на првото место во групата и да се изборат за директен пласман во повисок ранг.

Вака завршија на втората позиција и ќе мораат да играат бараж во кој потенцијални ривали им се Шкотска, Белгија, Унгарија и Србија. Крстовиќ беше играч на натпреварот што се одигра во Никшиќ, постигнувајќи ги трите гола за Црна Гора.

Со ова Црногорците му направија услуга на Велс кој оди директно во А-Лигата на нации, како и Чешка од групата 1 откако вечерва во директниот дуел ја совлада Грузија со 2-1. Украина ќе игра бараж за пласман во повисок ранг, Грузија ќе се бори за опстанок, а Албанија испадна в Ц-дивизијата.

Своја вечер имаше напаѓачот на Спортинг, Виктор Ѓекереш кој во победата на Шведска над Азербејџан со 6-0 учествуваше со четири гола. Оваа година, тој експлодираше за националниот тим, постигнувајќи вкупно десет гола на седум настапи.

Од А-Лигата на нации, каде што натпреварите немаа никакво резултатско значење, се играше само во групата 3 и двата меча (БиХ-Холандија и Унгарија-Германија) завршија со идентичен резултат, 1-1.

РЕЗУЛТАТИ, Б-ЛИГА НА НАЦИИ
ГРУПА 1
Чешка - Грузија 2-1
Албанија - Украина 1-2
ТАБЕЛА: Чешка 11 бода, Украина 8, Грузија 7, Албанија 7
ГРУПА 4
Велс - Исланд 4-1
Црна Гора - Турција 3-1
ТАБЕЛА: Велс 12 бода, Турција 11, Исланд 7, Црна Гора 3.
ГРУПА 2
ТАБЕЛА: Англија 15 бода, Грција 15, Ирска 6, Финска 0
ГРУПА 3
ТАБЕЛА: Норвешка 13 бода, Австрија 11, Словенија 8, Казахстан 1.