Меси остана без тренер - Мартино си поднесе оставка

Аргентинскиот стручњак Херардо Тата Мартино поднесе неотповиклива оставка на тренерската функција во Интер Мајами откако не успеа да му донесе титула во МЛС на својот тим.

Екипата од Флорида беше сензационално елиминирана во првата рунда од плејофот, од Атланта Јунајтед и пропушти да се бори за трофејот и покрај тоа што во своите редови го има најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси, плус суперѕвезди како Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс. Мартино одлучи да поднесе оставка и покрај тоа што постави рекорд во основниот дел од сезоната, освојувајќи 74 бода, а дури три месеци од сезоната не можеше да смета на Меси кој прво настапуваше на Копа Америка, а потоа беше повреден.

На 34 натпревари во сезоната, под водство на Аргентинецот, Интер Мајами оствари 22 победи, 8 нерешени резултати и 4 порази, со гол разлика 79-49. Мартино дојде во Интер Мајами во летото 2023 година, заедно со Лионел Меси и со овој тим го освои Лига купот лани и титулата по основниот дел на сезоната во МЛС што се смета како официјален трофеј.

Сепак, ниеден од тие два пехара не е од големо значење, исто како што во сезоната 2013/14, Мартино со Меси не освои ништо значајно во Барселона, освен Суперкупот на Шпанија.