Чупиќ: Секој почеток е тежок, момците покажаа карактер!

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ е задоволен од победата над Сесвете во Европската лига иако неговите ракометари имаа и падови во текот на мечот.

Вардар победи со 34-29 и покажа дека е многу поквалитетен противник од Сесвете. Но, црвено-црните имаа по еден пад во двете полувремиња кога му дозволуваа на противникот да се врати.

„Би издвоил два сегменти. Прво влеговме многу агресивно во натпреварот и добро трчавме транзиција. Сепак, потоа во вториот дел на првото полувреме примивме многу брзи голови кога менувавме. Потоа во продолжението отворивме добро, ама од 21-15 имавме осум минути во кои игравме тешко и бавно. Не се снајдовме веднаш на нивната „пет-еден“ зона и знаевме дека мора да се подобриме, да реализираме пред да се постави зоната во транзиција. Сепак, моите играчи покажаа карактер на крај, ама влегуваш во ново натпреваруање и се е поинаку. Секое отворање на било кое натпреварување е тешко. Откако Сесвете се врати до 21-21, покажавме добра одбрана и со добар голман и се одлепивме. Откако ни успеа тоа, го трасиравме патот до победата. Покажавме добар ракомет, иако е само прв натпревар. Запишуваме два бода и се друго се заборава“, изјави Чупиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Наредниот европски натпревар на Вардар е на гостински терен кај Тулуз на 21 октомври.