Червар: Баш ме интересира како е да се гледа Металург од трибини!

Металург има „гостин“ оваа недела, во пресрет на натпреварот со Мотор Запорожје од ЛШ, в сабота. Лино Червар се врати, но со малку попасивна улога од досегашната тренерска. Потврди дека нема да седи на клупата за саботниот натпревар.

ВЛАДКО АРСОВ

Беше отсутен точно 50 дена и еве го повторно во Скопје на тренинзите на Металург. Во „Автокоманда“ има некој магнет, засега јавно непознат, кој очигледно го влече назад без разлика на етикетата со која доаѓа: тренер, привремен тренер, советник...

В сабота против Мотор Запорожје нема да ја води екипата, но затоа, почнувајќи од утрово ги води тренинзите, исто како порано.

„Тука ќе бидам неколку дена, до понеделник. Ќе помогнам малку, има што да се работи и да се коригира. Многу ни беше слаба одбраната на последните два натпревара, мора да го поправиме тоа. Меѓутоа в сабота нема да ја водам екипата, Јовиќ добро си ја врши таа работа, тој и ќе продолжи. Знаете, тешко е, сакам, ама не можам да постигнам на сите страни“ , ни одговори Червар на вечерашниот тренинг.

Во овие осум години, како е на кормилото на Металург се случувало да отсуствува од натпревари, но да биде стотици или илјадници километри од салата каде што игра синиот тим. Овој пат првпат ќе биде во салата, но нема да го води од клупата, туку ќе биде „гледач“ од трибините.

„Навистина, ова не се сличило. Баш ме интересира како е да се гледа од трибини, како изгледа Металург оттаму“, кометнира селекторот на хрватската репрезентација.

Поради таа функција и дојде до прекин или пауза на неговата работа во Металург, па никој не знае што да очекуваме понатаму. Можеби на саботниот натпревар ќе ја вежба оваа советничка улога од трибините за од февруари?

„Ма, февруари е далеку. Ќе мислиме на февруари кога ќе дојде“, го избегна одговорот стариот лисец.

Состави млада и полетна екипа пред почетокот на сезонава и, колку и да не ѝ одеше на крајот од септември го победи Спортинг, а откако тој замина да ја води Хрватска нареди уште една победа и големо реми токму кај Мотор Запорожје.

„Момците играа одлично во мое отсуство. Барем на тие неколку натпревари, особено во Украина. Каква штета е што не го добивме тој меч. Впрочем, сите овие можевме да ги добиеме, игравме добро и со Монпелје, а водевме и во Истанбул со Бешикташ. Само, малку паднаа, а не смеат. Ова се сѐ добри, талентирани деца. Само да работат во подобри услови и ќе имаат светли кариери“, пофали Червар во свој стил.

Тој го напушти Металург на 30. септември, веднаш по победата над Спортинг и оттогаш се „прештека“ во функцијата селектор на Хрватска. Така ќе биде и во блиска иднина, додека не му заврши договорот со Ракометниот сојуз на Хрватска, најверојатно по јануарското ЕП. Дотогаш екипата е во рацете на Александар Јовиќ, кој оствари една победа, едно реми и три порази, но многу поимпресивен впечаток на теренот, отколку во тие резултати.