Бабиќ: Не ме загрижува „падот“ против Кадетен, сега со Рајн-Некар ќе уживаме!

Еурофарм Пелистер денеска преку Белград се упати кон Франкфурт, а потоа локално до Манхајм, каде што утревечер од 20.45 ќе го одигра дуелот против Рајн-Некар, од четвртото коло во Европската лига. Домаќинот е огромен фаворит, но тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ, вели дека ова е натпревар за да се одигра, резултатот нема да им создава притисок.

Е. Пелистер пропушти голема шанса во минатото коло да дојде до првата победа, играјќи нерешено против Кадетен на домашен терен, меѓутоа Бабиќ има толеранција за падот во играта на неговиот тим. Осум месеци битолчани немаа официјален натпревар, па дополнително мораа во карантин по првиот, со Гудме и оттука јасно е дека немаат ритам.

„Бевме „под корона“ во минатиот период и мене, искрено, не ме загрижува падот во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен, тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа паднавме физички и не издржавме. Момците дадоа што имаа, но нетренирањето и коронавирусот оставија трага. Што се однесува до натпреварот во Германија, секако, Рајн-Некар левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата, но јас се радувам на натпреварот. Нам ни е страшно важно да играме, не треба да заборавиме дека сме потполно во контра-ритам, немаме натпревари, не трениравме и нам сè ни е корисно во овој момент, без разлика што Рајн-Некар Левен е силен тим“, е коментарот на Бабиќ, пред денешното поаѓање, од Скопје.

Желбата за прва победа сигурно е голема, но објективно, таа тешко дека ќе дојде баш во „САП арена“. Затоа, вели, ќе играат за да уживаат.

„Се надевам дека ќе одиграме како и секогаш цврста одбрана. Мислам дека притисокот нема врска ни за нас, ни за нив, ние треба да уживаме, да бидеме опуштени за да го дадеме максималниот потенцијал. Верувам дека притисокот нема врска и секој ќе го даде максимумот.“, додаде Бабиќ.

Дури и да загуби во Германија, целта на Е. Пелистер е пласман на едно од првите три места во групата Д, за кое покрај Рајн-Некар и ГОГ се борат уште и Кадетен, Татабања и Требње. Македонскиот претставник има еден бод засега и е петти, но уште е рано и сè е отворено во групата.

„Германците и Данците навистина се тимови кои се силни, посилни од другите, а останатите четири тима сме слични по квалитет. Ќе решаваат нијанси, а еден голем фактор сигурно ќе биде короната, ете гледате Татабања изгуби дома, така што, ќе биде многу блиску“, го сподели својот став Хрватот.