Алонсо: Горд сум на ракометарите, заслуживме победа против Висла!

Пелистер вечерва славеше против Висла Плок (21-18) во 10. коло од Лигата на шампиони (ЛШ) и освои важни бодови во битката за осминафинале во елитното ракометно натпреварување.

Тренерот Раул Алонсо по натпреварот кажа дека е горд на своите ракометари, кои го следеле планот и запишале победа против ривалот.

„Каква ноќ, каков натпревар. Уживав вечерва, мојата работа беше најлесна со ваков тим. Одигравме на високо ниво и горд сум на нашиот настап. Заслуживме да победиме, иако имавме и одредени проблеми, сепак успеавме да го задржиме нивото во клучни моменти. Почит за ракометарите, среќен сум што победивме. Уживав и во одличната публика, ова ни е потребно на сите“, кажа Алонсо.

Домен Тајник, исто така, кажа дека добро се покажале против Висла и заслужено ги освоиле бодовите.

„Знаеме каква екипа е Висла, но ние завршивме добра работа. Пред полна сала во најтешките моменти наоѓавме сила и дополнителен мотив да победиме. Од стартот до крајот имавме сè под контрола, па на крајот се радувавме на победа“, кажа Тајник.

Пелистер по 10 одиграни кола се наоѓа на шестата позиција во групата А со шест освоени бодови, односно два повеќе од Висла и три од Фредериција.