Алкалоид одржа лекција по ракомет во Италија – веќе е во четвртфинале од Европскиот куп!

Македонскиот ракометен клуб Алкалоид веќе се пласира во четврт-финалето од Европскиот куп на ЕХФ, откако вечерва на гостински терен преубедливо го совлада италијанскиот Бриксен со 32-44 (18-23), што реваншот го прави само формалност.

Тимот на Кирил Лазаров имаше целосна контрола врз натпреварот од почетокот до крајот, обезбедувајќи ја својата петта европска победа оваа сезона, по двојните триумфи против Драгунас Клаипеда (Литванија) и Вест Виен (Австрија). Алкалоид уште во првиот дел наметна свое темпо, благодарение на одличната игра на голманите. Марко Кизиќ забележа осум одбрани, а Стефан Галевски одбрани два пенали, што донесе предност од пет гола (23-18) на полувремето. Во второто полувреме, македонскиот тим продолжи со ефикасна игра, зголемувајќи ја разликата. По водството од 30-25, Алкалоид набрзо успеа да направи двоцифрена предност (41-31), со што мечот беше решен.

Најдобар стрелец за Алкалоид беше Игор Ѓорѓиев со седум гола, додека Мартин Серафимов и Александар Петковски постигнаа по шест. Во редовите на Бриксен, најефикасни беа Де Оливеира Кандидо со осум и Арчиери со седум гола. Реваншот ќе се одигра на 22 февруари во салата „Автокоманда“ во Скопје.