„Ако може нешто да го покрене Вардар тоа е заедништвото на играчите!“

Играчите на Вардар, барем оние со подолг стаж, веќе се навикнаа на ситуација топло-студено, на финансиска суша и периоди во кои немаат поим што ќе се случува со иднината. Меѓутоа, Стевче Алушовски е во „Јане Сандански“ еден месец и на товар му паѓа екипа која едвај се држи од распуканите шавови. Вели дека ќе најдат сили да се мотивираат за саботниот меч со Мотор.

Без заобиколување, Алушовски призна дека се во тешка ситуација играчки, кога веќе подолго време се знае дека е така и финансиски. Од вечра ги нема на располагање Криштопанс и Атман, двајца стартери во бековската линија, а тоа е сериозен удар за една ракометна екипа.

„Нè очекува еден тежок натпревар, знаете дека имаме проблеми со играчкиот кадар, но играме на домашен терен, максимално сме фокусирани. Играчите се свесни за ситуацијата и мислам дека ќе го дадат максимумот. Ја користам оваа можност да ги повикам навивачите да дојдат да нè бодрат и заедно да се издрадуваме на победа со која и дефинитивно ќе се пласираме во осминафиналето. Мотор е една сериозна екипа, која сигурно ќе дојде со амбиции да победи, но ние сме европски шампион, играме на домашен терен и се надевам на најдоброто во сабота“, истакна Алушовски.

Како да се мотивираат ракометарите во ситуација кога не знаат што носи утре? Новиот тренер е импресиониран од нивната силна обединетост.

„Ситуацијата секако дека е тешка, но овие играчи покажаа карактер во изминатиот период. Како што кажа и капитенот, ова не е нова ситуација во клубот, ваква е подолго време. Ново е што двајца играчи заминаа и тоа два бека од првата линија. Ако гледам некој оптимизам за овој натпревар, нешто што може да нè покрене е нивното заедништво. Ситуацијата е тешка, но ние сме тука, одработивме максимално оваа недела и направивме сè за да го добиеме мотор. Во сабота кога ќе излеземе пред полна сала, се надевам дека момците ќе го дадат максимумот“, заврши Алушовски.

Вардар го пречекува Мотор в сабота од 17.30 часот, од шестата позицијана табелата, со девет бода. Украинскиот тим е последен, осми со четири, но меѓу нив е Мешков брест со шест бода, кој теоретски може да го стигне Вардар и да го елиминира уште пред да почне нокаут фазата.