Вардар убедлив против Металург во контролен натпревар

Ракометарите на Вардар остварија висока победа над Металург, со 34-26 во меѓусебен контролен натпревар, кој денеска се одигра во салата „Јане Сандански“.

Конечниот резултат е превисок за да го опише текот на целиот натпревар. Вардар навистина водеше постојано, но имаше 14-12 на паузата, а дури во 40. минута се одлепи на 21-17. Оттогаш се падна играта на Металург, а предноста до крајот стана убедлива.

И двете екипи не беа во комплетен состав, се разбира, поради Светското првенство во Египет, но и поради неколку повреди. Кај Вардар ги немаше Талески, Стоилов, Димитриоски, Мишевски, Чупиќ и Валчак, кои играат на Мундијалот, плус повредените Дибиров и Дисингер. Металург играше без Младеновиќ и Серафимов, кои се во Каиро, како и без Канкараш и Потиќ, кој деновиве се разделија со клубот спогодбено.

Сезоната за Вардар продолжува за четири дена, кога во Скопје доаѓа Војводина, во првото коло од СЕХА-лигата. Металург, пак, ќе се врати на терените на 9 февруари, кога ќе го пречека Тулуз, во рамки на Европската лига.