Европскиот шампион Вардар по бавниот почеток на мечот, кој беше од затворен карактер, против грчки АЕК успеа на крајот да слави со 31-24 во СЦ „Јане Сандански“.

АЕК имаше одлични дуели против македонските екипи, откако ги совлада Еурофарм Работник, Бутел Скопје и Охрид, но затоа „црвено-црните“ се одмаздија.

Вардарци имаа неубедлив старт на натпреварот, па грчки АЕК поведе со 11-6. Сепак, европскиот шампион направи неверојатна серија од осум гола и на полувреме замина со водство од 14-11.

„Црвено-црните“ продолжија со одличната игра и во второто полувреме, па не му дозволија на противникот да ги стигне, а на седум минути до крајот предноста изнесуваше 26-21 за Вардар.

До крајот на мечот Вардар го засили темпото, па дополнително ја зголеми предноста до конечни 31-24.

Најдобар во редовите на „црвено-црните“ беше Тимур Дибиров со десет постигнати гола, а Сташ Скубе постигна седум, додека кај АЕК најефикасен беше Игнасио Плаза со шест погодоци.