Вардар пред враќање на тронот, крунисувањето - против Пелистер!?

Вчерашниот пораз на Пелистер од Охрид ширум му ја отвори на Вардар кон нова шампионска титула во домашното првенство, прва по пауза од три години.

На шест кола пред крајот на сезоната, „црвено-црните“ имаат осум бода предност во однос на битолскиот тим и практично веќе можат да почнат да слават бидејќи само победите против аутсајдерите во плејофот Бутел и Тиквеш ќе ги однесат до трофејот. Сепак, борбата за шампионската титула може да биде решена во првиот викенд од мај и тоа најслаткиот начин за навивачите на Вардар.

Тогаш, во рамките од седмото коло на плејофот, во Скопје гостува Пелистер и ако нема некои изненадувања претходно, Вардар ќе има шанса да ја освои титулата токму против својот најголем ривал. На Вардар му претстојат три натпревари на домашен терен, прво со Бутел, па Алкалоид и на крајот со Пелистер. На овие три меча му се потребни пет бода за да ја обезбеди шампионската титула и реално е да ги освои. Пелистер и претходно може да испадне од трката за титулата бидејќи во следното коло му гостува на Алкалоид, но ќе остане Охрид кој до почетокот на мај има релативно лесен распоред, со исклучок на настапите на европска сцена.

Тоа би можел да биде единствен проблем и за Вардар за кого дуелот со Пелистер доаѓа меѓу двомечот со Монпелје во четвртфиналето од Европската лига. На 28 април „црвено-црните“ треба да гостуваат во Франција, а една недела подоцна го пречекуваат противникот на домашен терен.