Вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер ни понуди одличен ракомет во СЦ „Јане Сандански“, а на крајот триумфираше поранешниот европски шампион Вардар со 31-28 против екипата од Битола во рамки на петтото коло од македонската Суперлига.

Стартот на натпреварот беше изедначен, па по 10 минути игра Вардар имаше предност од 1-0, но токму тогаш почна да „зоврива“ атмосферата во салата, кога Вуко Борозан влезе на паркетот.

Борозан со еден невнимателен старт врз Филип Кузмановски по неполна минута помината на паркетот доби директен црвен картон, а потоа следеа и скандирања од трибините против капитенот на битолчани.

Вардар, сепак, во следните минути поведе со 10-7, по што Пелистер бркаше негатива сè до следниот инцидент кој го предизвикаа „Чкембари“, кои со факел нападнаа обична публика на трибините.

Возбудувањата на паркетот продолжија и во последните минути од првиот дел, а Вардар на паузата замина со два голови предност (16-14).

„Чкембари“ не чекаа долго пред да предизвикаат нов инцидент, односно сакаа да запалат нови факели, по што полицијата ги изнесе од салата.

На теренот се водеше голема битка, а Пелистер во 41. минута од средбата стигна до 21-21, по што не искористи напад за целосен пресврт. Тоа знаеше да го казнат „црвено-црните“, кои повторно стигнаа до три голови предност (28-25) на пет минути пред крајот.

„Црвено-црните“ до крајот беа одлични и успеаја да го совладаат актуелниот македонски шампион (31-28) со што ја прекинаа црната серија од четири порази по ред против вечниот ривал.