Молк во Барселона: Преполовениот ПСЖ со гол во 90. минута ги победи „каталонците“ (ВИДЕО)

Без петмина фудбалери од кои четворица носители на играта, европскиот првак ПСЖ ја победи Барселона среде Каталонија во дербито на второто коло од Лигата на шампионите и во мечот кој минатата сезона многумина го видоа како финале на елитното натпреварување.

„Светците“ не само што не се исплашија од домаќинот, туку го диктираа темпото речиси цело второ полувреме и заслужено стигнаа до победата. Иако на теренот не беа Дембеле, Дуе, Камара, Кварацкелија и Маркињос, а Луис Енрике имаше само осум од дозволените 12 играчи на клупата, изгледаше како Барса да е таа на која ѝ фали половина стартна постава.

 

 

„Каталонците“ беа доминантни само во првите 20-тина минути кога и дојдоа во водство преку Феран Торес по одличната акција во која учествуваа Јамал, Олмо и Рашфорд. ПСЖ потоа ја презеде иницијативата и почна да напаѓа, а круна на таквата игра беше израмувачкиот гол преку Мајули при кој голема заслуга имаше Нуно Мендес.

Во второто полувреме двете екипи имаа неколку шанси, можеби најзрелата беше онаа на Олмо кој од 7-8 метри не успеа да ја затресе мрежата на легнатиот Шевалие и го погоди Забарњи. Шокот за навивачите на Олимпискиот стадион дојде во 90. минута кога Хакими беше одлично проигран на десната страна, овој сврте кон Гонсало Рамос, а тој го совлада осамениот Шчесни. За Барселона ова е прв пораз сезонава на официјалните натпревари и сега ќе има исклучително тешка задача да се избори за директен пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.

 

Standings provided by Sofascore