Вардар ја отвора сезоната: Денеска тест за Ковид-19, утре - прв собир!

Ракометниот клуб Вардар е подготвен да ја отвори претсезонската сесија тренинзи, но условите „за игра“ уште не се подготвени. Ракометарите, како први спортисти во сала, кои се враќаат на задолженијата уште чекаат протокол за работа во затворени простории, но тоа нема да биде пречка Вардар да означи почеток на новата сезона со прв собир.

За жал, првото тренерско свирче нема да одекне во „Јане Сандански“, која ќе остане затворена сè додека не дадат „амин“ здравствените власти. Меѓутоа, вардарци, сепак, ќе се соберат и ќе направат сефте. Планот на Стевче Алушовски е утре во 18 часот да одржат лесен тренинг на отворено, на фудбалскиот терен веднаш до салата. Сите ракометари на Вардар и членовите на стручниот штаб денеска направија тестови за коронавирусот и утре до пладне би требало да ги добијат резултатите, за да можат да стартуваат безбедни.

Се разбира, тренирањето на трева не е за ракометари, па таквата состојба не може да трае долго. Слично како фудбалерите пред три месеци, сега и ракометарите чекаат детален протокол за тренирање во затворено. Ракометната федерација на Македонија веќе изработи и го прати на одобрување кај Комисијата за заразни болести и очекуваат во следните неколку дена тој да биде пуштен во функција. Откако ќе биде одобрен, РФМ ќе го достави до клубовите со упатства како да се практикува, така што оптимистичките очекувања се дека од почетокот на новата недела Вардар би можел да ги почне тренинзите во сала.

Голема е веројатноста, по принципот на фудбалот и овде тие да се во помали групи во првата фаза, а дури подоцна во комплетен состав. Тоа ќе им значи на екипите за да можат да ги планираат добро подготовките пред стартот на сезоната, кој обично е крај на август (СЕХА-лигата), но сега не се исклучени поместувања и таму.

Металург веќе ги одложи подготовките и наместо на 20 јули ќе почне седум дена подоцна. Еурофарм Пелистер исто така во текот на идната недела, најдоцна до 25 јули ќе го има првиот собир и ќе означи старт на сезоната, која ветува многу за македонскиот ракомет.