Вардар и официјално потпиша договор со наследникот на Сташ Скубе!

Новиот состав на европскиот ракометен шампион Вардар полека ја добива посакуваната форма, откако денеска е официјализиран трансферот на хрватскиот интернационалец Анте Гаџа и тоа на една година, со можност соработката да биде продолжена и на уште една сезона.

Станува збор за среден бек, кој се очекува да биде наследник на Сташ Скубе во улогата на плејмејкер. Зад Гаџа е одлична сезона и 40 погодоци во Лигата на шампионите во дресот на ППД Загреб, што секако беше можеби главната препорака за новата управа на црвено-црните за негов ангажман. Тој беше прв асистент на загрепскиот тим и петти во СЕХА-лигата со 29 успешни додавања на 12 меча.

По промените во управата, Вардар досега се засили со Јагуриновски, Санталов, Кантегрел, Талески и Георгиевски, а договорите со клубот ги продолжија Мишевски, Дибиров, Стоилов, Чупиќ, Калараш, Дисингер и Ристовски.