Вардар го изгуби најважниот играч - надвор од паркетот!

Од следната сезона сè уште актуелниот европски првак, Вардар, ќе остане без еден од најважните свои членови и сигурно клучен надвор од паркетот.

Физиотерапевтот на екипата, Димитар Маневски прави трансфер во новиот суперлигаш, Голден арт КЛ7. Клубот се пофали дека ангажира два члена на европскиот првак, Маневски и поранешната македонска репрезентативка Билјана Црвенковска, која му беше асистент на тренерот Роберто Парондо. Велат, клубот кој од следната сезона станува прволигаш, направи потези за јакнење на својот стручен кадар.

„Прв чекор е носењето на главноиот лик во делот на медицината и здравјето и двократниот европски шампион од редовите на Вардар, кој исто така истата задача ја има и во македонската репрезентација, г-динот Димитар Маневски. Второ засилување во нашиот стручен тим на местото прв помошник на шефот на стручен штаб Андон Бошковски е актуелниот европски првак, десната рака на Роберто Парондо, г-ца Билјана Црвенкоска, наша долгогодишна ракометна репрезентативка која исто така беше дел и од тимот на Раул Гонзалез. Со ова сакаме да покажеме дека ние како тим ќе вложуваме средства и максимален напор во стручни капацитети со цел на добивање квалитетни ракометари од македонско производство", пишува во соопштението од Голден арт КЛ7.

Маневски е дипломиран стручен физиотерапевт, кој беше дел од двете европски круни на Вардар, а во последниве две години заслужи место и во машката репрезетација на Македонија. Црвенковска, пак, ја има највисоката македонска тренерска лиценца, ќе биде предводник на младинскиот и кадетскиот тим на Голден арт КЛ7, а ќе биде и помошник на Андон Бошковски во првиот тим.

Клубот кој произлезе од школата на Кире Лазаров се најде на втората позиција во една од двете прволигашки групи во македонскиот ракомет, кога сезоната беше прекината поради коронавирусот. Откако Ракометната федерација на Македонија реши да ја поништи и како резултат на тоа во следната да ја прошири Суперлигата, Голден Арт КЛ7 заедно со Јуниор КВ, Астарион и Тиквеш доби административна промоција во највисокиот ракометен ранг во земјава.